Лазаров: Треба време момците да научат да бидат победници

Македонија веќе е со мислите на вториот меч на Европското првенство (ЕП), кој се игра против Црна Гора, а македонскиот селектор Кире Лазаров ги посочи позитивните и негативните работи кои ги забележал на натпреварот против Словенија (25-27).

Лазаров кажа дека селекцијата сè уште нема доволно искуство затоа што е составена од млади ракометари, но смета дека со тек на време ракометарите ќе научат да бидат победници.

„Јас вчера намерно не го изгледав натпреварот пред да заспијам, туку утрово погледнав 30 минути од мечот. И покрај тоа што во нашиот состав владее задоволство, сепак многу работи кои ги повторувавме - не ги исполнивме. Бевме блиску до триумф и поради тоа сакав да ги пофалам репрезентативците, но морам и да им ги посочам грешките. Се договаравме пред натпреварот да не ги понесат емоции и да бидат фокусирани на договорот, меѓутоа сепак се работи за млада и неискусна екипа. Едноставно треба со тек на време да станат победници и да знаат како се победува. Загрижен сум во моментов бидејќи не ги исполнивме договорените работи, сепак оставивме позитивен впечаток и сакам тоа да нè разбуди за да бидеме подобри во вториот меч против Црна Гора. Ние не треба да се измачуваме психички со противниците, туку треба да се надоградуваме самите себе“, вели Лазаров.

Македонскиот селектор кажа дека ќе им ги посочи забелешките на неговите ракометари, а на нив останува да се подобрат.

„Ние треба да бидеме од ден на ден сè подобри. Фокусот и концентрацијата се најважни во сите 60 минути, сепак има многу позитивни и негативни работи кај индивидуалци, но ќе им го кажам тоа на позитивен начин“, кажа селекторот.