Лазаров: Со години градевме имиџ и нема да го урнеме со калкулации против Шпанија

Македонија нема намера да калкулира против Шпанија утревечер од 20.30 часот за да ги сочува свежината и силата за веројатно решавачкиот меч со Исланд в четврток од 18 часот, затшто на таков начин ракометната репрезентација би си го урнала имиџот кој со години го градеше, најави капитенот на македонската селекција Кирил Лазаров.

Ден по убедливиот пораз од Хрватска со 22-31, Македонија денеска има слободен ден, веќе тренира во „Олимпијахале“ како подготовка за дуелот со Шпанците, кој се фаворити во групата..

„Можам да кажам една работа, ние не размислуваме калкулантски бидејќи ако калкулираме и излеземе со бело знаме против Шпанија тоа ќе значи и нарушување на имиџот што успешно го градиме со години. Одиме на терен и ќе се обидеме да дојдеме до добар резултат, потоа во зависност како ќе се одвива мечот ќе видиме што ќе се случува“, вели капитенот Кире Лазаров.

Капитенот посочува дека Македонија и пред две години во Франција се нашла во иста ситуација, како сега во Германија и Данска.

„Во Франција бевме во иста ситуација, ни требаше резултат на еден од последните две средби, а во рок од 17 часа игравме најпрвин со Шпанија, а потоа и со Исланд. Со Шпанците париравме одлично повеќе од 50 минути, потоа ремизиравме со Исланд и го осигуравме третото место на табелата. За жал, тоа реми скапо го плативме со повредите на Манасков и Миркуловски, па не можевме посериозно да и се спротивставиме на Норвешка. Тогаш работите е одвиваа во тој правец, Јас пак ќе повторам – не одиме со бело знаме на мечот со Шпанија. Ќе се обидеме да го изненадиме фаворитот“, додава Лазаров.