Лазаров: Немам ништо против Данило, ниту сум имал против било кој друг селектор!

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров изјави денеска после ремито со Исланд дека нема ништо против новиот селектор Даноло Брестовац, посочувајќи дека погрешно бил разбран за првата изјава која ја даде по победата во Рејкјавик пред пет дена.

Лазаров по епската победа над Исланд во првиот меч од овој двомеч, изјави дека ракометарите иако со нов селектор, победиле со „финтите на Раул Гонзалез (бившиот селектор – н.з.), иако не сакам да му го намалам успехот на Данило“.

„Што се однесува до денешниот натпревар многу сум задоволен. Одигравме цврст натпревар, добар натпревар, со глава, во секој момент знаевме што правиме. Ќе бидам искрен, дека користевме работи и од нашиот поранешен селектор Раул Гонзалес. Се разбира, сакам да му честитам и на Данило Брестовац, не сакам да му ја одземам и нему оваа победа, но имавме ден, ден и пол за подготвување, но оваа македонија е резултат на сите што некогаш работеле со репрезентацијата“, истакна тогаш капитенот.

Таа изјава предизвика бурни коментари во јавноста, па Лазаров после ова реми посочи дека нема ништо против Брестовац.

„Јас после Исланд дадов една изјава, кои некои ја сфатија позитивно, некои негативно, но можеби и не беше моментот да се даде таква изјава. Јас после тоа седнав и разговарав со Данило и морам да кажам дека ако сум имал нешто против Данило, тој немаше да биде мој тренер во кампот кој го организирам веќе пет години. Сега сакам да ги отстранам сите недоумици, а тоа е дека никогаш против никого, против ниеден селектор не сум имал нешто против и така ќе биде во иднина. Сите ние работиме во интерес на македонскиот спорт и ракомет“, посочи вечерва Лазаров по мечот со Исланд и ремито 24-24.