Лазаров: Ни треба тренер за зицери за да научиме како се даваат голови!

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, не беше премногу разочаран по денешниот пораз од Русија, бидејќи во средбата виде многу добри работи кои би ни користеле во иднина.

Нашиот најдобар ракометар, воедно, го потенцира и нашиот најголем проблем и на овој меч како и на целиот Мундијал во Германија и Данска, промашувањето од зицер-ситуации.

„И денеска ни се повторуваа работи кои ги гледавме и на претходните средби, а згора на тоа уште еднаш голманот беше најдобар во противничкиот тим, како и многу пати претходно. Имавме расположени ракометари и добра игра и никако не е срамно да се загуби од Русија, која без разлика на пласманот одлично го одигра Мундијалот. Загрижува што доаѓавме до позиција за гол, но промашувавме. Можеби ни треба тренер за зицери, кој ќе не науќи како да реализиравме. Шегата на страна, дадовме максимум, има многу позитивни работи кои ги видовме на оваа средба, секако со низа негативни кои ќе мора да ги исправаме. Полека заличуваме на репрезентација која има систем и во која се знае зошто победува и зошто губи. Ни фалат двајца поискусни играчи. Во иднина ќе бидеме попаметни и ќе научиме од грешките“, изјави Лазаров.

Македонија утре (13 часот) ќе го одигра последниот меч на турнирот и тоа против поразениот од пресметката Катар-Чиле за пласман на 15. место на СП.

„Ќе пробаме да одиграме уште еден квалитетен натпревар и да го завршиме првенството победнички, па потоа да направиме квалитетна анализа и да одиме напред. Не смее на нашите Македонци да им го одземем правото и во иднина да нѐ гледаат на големите натпреварувања“, дополнува ветеранот.