Лазаров и понатаму е најкорисен играч на СП, двајца голмани го стигнаа Борко!

По комплетирањето на првата фаза по групи на Светското ракометно првенство, може да се направи рекапитулар на статистичките категории. Во нив и понатаму високо котираат двајцата најискусни репрезентативци.

Кире Лазаров и понатаму е најдобар асистент на првенството, а поради тоа и прв на листата најкорисни ракометари. Со 25 асистенции води на таа листа пред Дмитри Житников од Русија со 24. Меѓутоа, тој постигна и голем број голови, па затоа прв е на листата со најкорисни играчи, на која се бројат головите и асистенциите збирно.

Со 55 води пред Микел Хансен со 49, кој е втор благодарение на фантастичната голгетерска претстава синоќа, против Норвешка. Ѝ даде 14 гола, со кои дојде до вкупно 35, пробивајќи се на првото место на листата со стрелци. Зад него е Уве Генсхајмер од Германија со 31, трет е нашиот душман од синоќа, Исланѓанецот Гунарсон со 31, а Лазаров е на делба на четвртото место со 30.

Борко Ристовски не е веќе голманот со најмногу одбрани на СП, туку е трет. Има 47 одбрани и пред него се сами Никлас Ландин од Данска со 54 и Исланѓанецот Густавсон со 51. Борко држи и солиден процент, од 37 отсто успешни интервенции, што го сместува на делба на осмата позиција. И тука прв е Ландин со 45 отсто успешност, меѓутоа приматот го дели со Кристенсен од Норвешка.