Ќе се формира машка Б-репрезентација на Македонија!

Селекторот на младинските ракомети репрезентации, Данило Брестовац, даде предлог да се формира Б-репрезентација на Македонија во интерес на подобра транзиција на играчите од младински во сениорски ракомет.

Сумирајќи ги резултатите и работата на двете младински селекции во 2018, Брестовац констатира дека многу корисно би било ако постои таканаречена Б-селекција или Олимписка селекција, во која би биле потенцијалните А-репрезентативци.

Таква селекција би била најпогодна за момците од 20-21 година, за кои завршува системот на натпреварување во младински ракомет и доаѓаат во еден вакуум, без шанса и простор да се развиваат и да конкурираат за А-тимот на Македонија.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, го прифати овој предлог, но истовремено го задолжи Брестовац да подготви петгодишен план за сите младински репрезентации, со цел да се постигне континуитет во сите генерациски нивоа.

Македонија го освои првото место на ЕХФ-шампионатот за играчи од генерацијата 1998/99 во Скопје, а четвртото за играчи од 2000/01 генерација во Тбилиси. Проблемот којшто го детектирал Брестовац особено се однесува на генерацијата 1998/99, во која, на пример, Марио Танкоски беше прогласен за најдобар играч на турнирот, но тешко е за верување дека ќе добие шанса во А-селекцијата на претстојниот Мундијал, па затоа во некоја Б-селекција би имал можност да се покаже.