Каква Македонија, кога доаѓа Горан Иванишевиќ! (ФОТО)

Романците не се многу потресени за мечот со Македонија, од едноставна причина што ракометот овде „не е на цена“. Токму затоа тој е сместен во малата сала „Хорија Демјан“, иако на само 500 метри се наоѓа „Арена Поливалента“ со капацитет од 7.500 седишта. Таму ќе се игра тенис - ревијален!

Од Клуж, ВЛАДКО АРСОВ

Клуж не е мал град (325.000 жители), но и не е некој велеград за да не се знае кога во него се случува настан од национален карактер, како на пример натпревар на ракометната репрезентација. Арно ама, овде тешко да разберете дека има таков настан, освен ако ептен не се заинтересирате.

Затоа Романската ракометна федерација одредила овој меч да нема повеќе од 2.500 публика, колку што собира „Хорија Демјан“, постара и поскромно опремена сала. Оваа поголемата, „Арена Клуж поливалента“ е резервирана за тениско шоу од ревијален карактер. Доаѓаат Горан Иванишевиќ и браќата Мајк и Боб Брајан, за да одиграат егзибициски меч со Адријан Унгур и уште неколку (за нас) анонимни романски тенисери, но и како атракција за навивачите.

Ваков настан се продава за билети од по пет евра па нагоре и, најверојатно, ќе се игра пред полна сала, со оглед на реномето на тенисот во оваа земја. Да не заборавиме дека Симона Халеп пред само неколку дена стана шампионка на Ролан Гарос.

Овој настан е само дел од „Спортскиот фестивал“, кој се организира овие четири дена во Клуж, а во кој централен настан треба да биде ревијалниот фудбалски меч меѓу „златнната генерација“ на Романија, предводена од Георге Хаџи, против ѕвезди на Барселона.