Како ли ќе играме со Русите: Франција едвај им се извлече од раце!

Репрезентацијата на Русија ги загуби шансите за пласман во главната фаза од СП 2019, меѓутоа во последното коло, вечерва, беше на прагот да направи сензација. Ова е само предупредување дека Македонија ја чека тешка задача в сабота, во натпреварот за пласман од 13. до 16. место.

Русите загубија од Франција со 22-23, меѓутоа ако некој го следел мечот знае дека овој резултат е неверојатен. Франција губеше до 58. минута, со 22-21 и успеа да го доврши пресвртот, кој почна уште претходно. Русите имаа 21-17 на повеќе од 10 минути до крајот, меѓутоа постигнаа само еден гол, а примија шест.

Беа одлични и во првото полувреме, кога најчесто водеа, сепак на пауза заминаа со 12-12. Мелвин Ричардсон и Дика Мем беа најефикасни кај Франција со по четири гола, толку постигна и Шкурински за Русија.

Фактор за ваквиот натпревар можеби беше и калкулирањето од страна на Французите, со комбиниран состав, со оглед дека дури и да загубеа, овој меч немаше да им значи многу за главната фаза. Сега тие го потврдија првото место во групата А (Берлин), со девет бода, еден повеќе од Германија и три од Бразил. Во главната фаза, во Келн, каде што ќе вкрстат со екипите од нашата група, Французите и Германците ќе пренесат по три бода, Бразил нула. Тоа ѝ одговара на Хрватска, која ќе ја почне главната фаза како првопласирана, со четири бода, по вечерашниот триумф над Шпанија. Фуријата ќе има два бода, Исланд нула.

Во втората група од главната рунда, во Хернинг, Данска оди со максимални четири бода, затоа што доминираше во групата Ц. Норвешка ќе продолжи со два, а Тунис без бодови. Тие вкрстуваат со групата Д, во која победи Шведска, по вечерашниот триумф над Унгарија. Таа, како и Данска, носи четири бода во Хернинг, Унгарија и Египет по еден, затоа што одиграа нерешено меѓу себе.

 

ГЛАВНА ФАЗА

Група Келн: Хрватска 4, Франција 3, Германија 3, Шпанија 2, Исланд 0, Бразил 0.

Група Хернинг: Данска 4, Шведска 4, Норвешка 2, Унгарија 1, Египет 1, Тунис 0.

 

КОНЕЧНИ ТАБЕЛИ ОД ПРЕЛИМИНАРНА ФАЗА

Група Берлин: Франција 9, Германија 8, Бразил 6, Русија 4, Србија 3, Кореја 0.

Група Минхен: Хрватска 10, Шпанија 8, Исланд 6, Македонија 4, Бахреин 2, Јапонија 0.

Група Хернинг: Данска 10, Норвешка 8, Тунис 6, Чиле 4, Австрија 2, С. Арабија 0.

Група Копенхаген: Шведска 10, Унгарија 6, Египет 5, Катар 4, Аргентина 3, Ангола 2.