И Швајцарија падна: Македонија го освои првото место во групата!

Уште не завршила првата фаза, а веќе е јасно дека Македонија ќе го освои првото место во својата група на ЕХФ-шампионатот во Грузија. Таа привилегија си ја обезбеди со денешната победа над главниот конкурент, Швајцарија, со 32-31.

Швајцарците, исто како нашите надежи, досега беа беспрекорни, со максимален број победи, дури и беа поубедливи во тоа, ако се гледа гол-разликата. Сепак, Македонија почна посиловито, поорганизирано и уште од почетокот на првиот дел направи разлика. Имаше 7-3 некаде на пола од првиот дел, а дојде и до највисоки плус шест (13-7). Сепак, до крајот на првиот дел Швајцарците искористија период со наше исклучување, па намалија на 15-12 на паузата.

Вториот дел почна одлично за нашите момци и веќе во 38. минута имаа комотни 21-16. Меѓутоа, повторно се јави тој симптом, кој ги мачеше и во дуелите со послабите ривали, тој неизбежен пад во играта, кој неизбежно го топи резултатот во наша штета. Макдонија не можеше да постигне гол девет минути, а Швајцарците користејќи ги нашите грешки направија серија од 7-0 и поведоа со 23-21 во 47. минута.

Сепак, се врати живоста во нашата игра и до крајот се играше тесно, често и гол за гол, а во 54. миунта повторно поведовме со два разлика (29-27). Со помош на среќата и одличниот Марко Кизиќ го зачувавме водството и за победа која носи прво место и, по теорија, полесен противник во полуфиналето. Мартин Серафимов беше најефикасен, со 10 гола, а со по пет се истакнаа и левиот бек Каковски и пивотот Симоновски, кој беше прогласен и за играч на натпреварот.

Утре е слободен ден, а в четврток од 11 часот играме против Естонија, претпоследната во нашата група, во меч кој не може резултатски да ни наштети и ќе му послужи на селекторот Данило Брестовац како добар тренинг пред полуфиналето. Крајна цел на овој Шампионат е освојување на првото место, кое носи промоција во најсилното европско друштво.