Гркинките се откажаа, Македонија ќе биде домаќин на квалификацискиот турнир

Женската ракометна репрезентација на Македонија за нијанса си ги зголеми шансите за пласман во баражот за СП 2021 година, бидејќи доби улога на домаќин на квалификацискиот турнир.

Дефинитивно ќе се одигра во Скопје, од 4 до 6 декември, а не во Грција како што првично требаше да биде. Ждрепката од минатиот месец пресуди дека Гркинките имаат приоритет да го организираат турнирот, но тие се откажаа од оваа привилегија, па следна беше извлечена Македонија.

Најверојатно ќе нема публика, така што од аспект на поддршката ова и не е толку влијателен фактор, но сигурно ќе биде добредојдено тоа што ракометарките наместо да се малтретираат со патувања ќе се фокусираат само на подготовки.

Ќе отвориме на 4 декември против најсериозниот кокнурент, Исланд, следниот ден играме против Литванија, а на 6 декември фаворити сме против Грција. Првите две места од групата се пласираат во бараж за СП 2021.