Грците за малку ќе ни завршеа работа вечерва со Исланд!

Македонската ракометна репрезентација уште вечерва можеше да слави прво место во квалификациите за ЕП 2020, сосема неочекувано, благодарение на репрезентацијата на Грција.

Грците приредија уште едно изненадување во Кожани, овој пат ремизирајќи со Исланд, со 28-28. Островјаните имаа водство во текот на цел меч, водеа со 15-12 на паузата, но Грција направи пресврт и стигна до бод.

Но, за нас е поважен бодот што му го одзеде на Исланд, бидејќи сега Македонија е прва во групата со 7, Исланѓаните имаат 6, така што, математички и нерешено в недела во Струмица ни е доволно за прво место во групата.

Интересното е тоа што, ако Грците вечерва направеа целосна сензација и го совладаа Исланд, Македонија уште вечерва ќе можеше да биде крунисана за првопласирана во групата, па дуелот в недела со нашиот јужен сосед, во Струмица, ќе беше ревијален.