Македонската ракометна репрезентација ги заврши квалификациите за ЕП 2020 со победа над Грција, со 27-23, во Струмица, како потврда на освоеното прво место во групата 3.

Со подобра игра од пред три дена во Ескишехир, но повторно со тесен резултат долго во натпреварот, македонските ракометари ја надиграа селекцијата, која во октомври ни го нанесе можеби најсрамниот пораз во националниот ракомет.

Македонската јавност и селекторот Данило Брестовац можат да наогаат мани само на првите 20-тина минути од мечот, во кои Грците водеа. Почнаа мотивирани, веројатно од доброто издание против Исланд, во средата, а македонските ракометари како да беа затекнати од раната негатива. Уште на истекот на првите 10 минути достигна минус 3 (4-7) и вирееше така уште некој период.

Брестовац повика тајмаут за да ги коригира пропустите, пред се во одбраната, во зоната 6-0, која често им дозволуваше пробиви на Грците. Никола Митревски го замени Борко Ристовски мегу стативите, па во 23. минута првпат изедначивме, на 9-9. До крајот на полувремето го презедовме водството и на пауза заминавме со 13-11.

Дури ни расположениот голман Буковинас, кој запиша осум одбрани во првите 30 минути, веќе не беше проблем. Акциите течеа многу побргу, водството држеше на четири разлика, а пред да дојде 50. минута, првпат на натпреварот врзавме три гола едноподруго, за највисоки дотогаш 22-17. До крајот на мечот Брестовац направи неколку замени, но ни тоа не влијаеше на македонското водство кое остана да се движи мегу четири и пет разлика.

Кире Лазаров постигна шест гола, Филип Талески и Жарко Пешевски имаа по пет, а Никола Митревски запиша 10 одбрани. На спротивната страна, неговиот колега Буковинас застана на 14, а Цирис беше најефикасен со шест гола.

Македонија го освои првото место во групата, со 9 бода, Исланд, кој ја победи Турција е втор со 8, а Турците со четири бода, ќе ја чекаат разврската во другите групи за да видат дали се една од четирите третопласирани кои ќе одат на ЕП.