Франција го разнесе Исланд и посегна по полуфиналето

Сѐ уште важечкиот светски првак во ракомет, репрезентацијата на Франција, дојде на дофат до полуфинале на Мундијалот во Германија и во Данска, благодарение на сигурниата и убедлива победа над Исланд со 31-22.

Ако во прелиминарната фаза беа несигурни и со слаби периоди, во вториот сегмент по групи Французите влегуваат во ритам демонстрирајќи дека имаат и аспирации, но и квалитет да ја одбранат светската круна.

Во денешниот дуел со Исланд, за нив втора од главната рунда, уште од самиот почеток дадоа до знаење кој е кој. Мечот го отворија со 6-0, Исланд едвај постигна гол, а разликата се движеше од четири до шест гола разлика до крајот на првото полувреме, кое заврши со 15-11.

Вториот дел почна со еден налет на Исланѓаните, кои намалија на минус два, но тоа беше краток блесок, на кој Франција се надоврза со уште една серија од 6-0. Некаде по 45. минута водството достигна и девет разлика, така што до крајот, натпреварот беше формалност.

Мелвин Ричардсон и Валентан Порт со ефект пет од пет беа највплечатливи меѓу француските стрелци, сепак играч на мечот беше голманот Венасан Жерар со 13 одбрани. Кај Исланд, Јонсон беше најефикасен, исто така со пет гола. Со овие два бода, Франција собра вкупно седум во групата во Келн и само теорија може да ја одвои од полуфиналето. Впрочем, може математички да го загарантира уште утре, ако Германија ја совлада Хрватска во важниот, меѓусебен дуел (20.30).

Во исто време, Норвршка го надигра Египет со 32-28 (16-14) и ги одржа своите шанси за полуфинале во групата во Хернинг. Играа и Србите, против Аргентина, но загубија со 28-30 и им го препуштија 17. место на Јужноамериканците.

 

Група Келн: Франција 7(+1), Германија 5, Хрватска 4, Шпанија 2, Бразил 2, Исланд 0(+1)

Група Хернинг: Данска 6, Шведска 6, Норвешка 4, Унгарија 3(+1), Египет 1, Тунис 0(+1).