Македонската ракометна репрезентација се пласира на Светското првенство во Германија и Данска, идниот јануари, иако загуби од Романија, во реваншот во Клуж. На натпревар во тешки услови, Романците победија со 26-25, колку да си ги залечат раните и да си дадат некаква утеха, откако пласманот на СП го загубија уште во неделата, во Скопје, кога беше 32-24 за Македонија

Од Клуж, ВЛАДКО АРСОВ

Романците знаеја дека за да се пласираат на СП мора да направат некакво чудо, па затоа тргнаа агресивно и без голман, со седум на шест во напад уште од првата минута. Македонија наоѓаше лек од почетокот и до 15. минута поведе со 7-5, сепак работите тргнаа наопаку. Голманот Михаил Попеску почна да брани, а за белја македонските ракометари утнаа празна мрежа трипати до крајот на првиот дел.

Реализацијата секна, па цели девет минути немавме гол, што им помогна на Романците да поведат со 10-7 во 23. минута. Сепак, замавот не зеде подрастични размери, Македонија се врати и Романија имаше минимални 12-11 на паузата.

Во вториот дел Чави Пасквал прекина со тактиката седум на шест, но продолжи со агресивна одбрана, 3-2-1, или 5-1, па Романија не дозволуваше Македонија да ја надвладее. Се вративме со 18-18 во 45. минута, но алармот за тревога се вклучи во осум подоцна, кога Романците поведоа со четири разлика првпат на натпреварот, 24-20. Нападот на Македонија имаше многу проблеми, дали со технички грешки, дали во дуелите со агресивните и растрчани Романци или, пак, кај расположениот Попеску, меѓутоа Романците немаа муниција за сензација.

Згрешија еден-два напада, Стоилов и Филип Лазаров со два гола „го изгасија пожарот“ и веќе стана јасно дека нема ни теорија да се стигнат оние 32-24 од Скопје. Дејан Манасков беше најефикасен во македонскиот состав со седум гола, Кире Лазаров постигна еден помалку, а прв стрелец на мечот беше Григираш со девет. Михаил Попеску застана на 13 интервенции, Борко Ристовски имаше девет.

Македонија се пласира на четвртото СП едноподруго, шесто во нашата историја. Кои ќе ѝ бидат противниците ќе дознаее на ждрепката на 25 јуни.