Филип Лазаров: Не беше планирано, Раул реши да играме „7 на 6“!

Победата над Јапонија (38-29) влеа самодоверба во македонските ракометари во пресрет на следните, веројатно, уште потешки натпревари на СП во Германија и во Данска. Затоа не е важен само резултатот, туку и сликата за Македонија, нашата игра.

Ракометарите се задоволни од својот настап, истовремено свесни за грешките на кои мора да се работи пред вториот меч, в недела со Бахреин. Мечот беше извесен, но тежок, поради специфичниот стил на Јапонците.

„Не беше воопшто лесно, ако така изгледа од резултатот. Среќа што е прв натпревар и што имавме повеќе време да се подготвиме за еден ваков противник, бидејќи многу е незгоден. На крај личи дека е лесно, девет разлика, затоа што ја покажавме нашата класа. Покажавме зошто сме на големите натпреварувања веќе 7-8 години. Тие се трудат, работат, напредуваат, но не можат да играат со нас, ние сме класа над нив и го покажавме тоа.“, вели Филип Лазаров.

Тој имаше важна улога во тимот, долго играјќи како среден бек, во ротацијата со Кузмановски и со Талески. Меѓутоа, во еден преиод од второто полувреме, влеговме во мала криза, примајќи неколку гола на празна мрежа. Раул Гонзалес инсистираше да играме „7 на 6“.

„Не беше планирано да играме 7 на 6, но Раул реши во текот на натпреварот да се обидеме така. Точно, примивме неколку гола, затоа што тешко ни одеше замената, но затоа, пак, дававме гол, речиси, на секој натпревар, или промашувавме зицер. На крај се става се на вага и се мери, не може да се гледа само тоа што примавме голови, туку и колку дававме. Се на се, имаме повеќе комбинации 7 на 6, 6 на 6, имаме и млади играчи кои чекаат шанса и сигурно ќе помогнат во некој од наредните натпревари. Имаме и добри голмани, Борко беше одличен денеска, ќе видиме, на добар пат сме“, објаснува помладиот Лазаров.

Како понатаму, против Бахреин?

„Утре имаме слободен ден, тоа е најголема предност. Имаме време ем да се одмориме, ем да го подготвиме натпреварот“, одговори ракометарот на Ратинген.

Дуелот со Бахреин го играме в недела од 14 часот.