ЕХФ ги потврди можните ривали на Македонија во баражот за СП 2021

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди пресметките дека Македонија ќе падне во кошот со неносители за баражот за Светското првенство во Египет, во 2021 година. Кој ќе ни биде противник, од можните 10, ќе дознаеме на 9 март, на ждрепката во Виена.

Врз основа на резултатите од Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка, ЕХФ ги распореди репрезентациите кои ќе се борат во баражот во јуни за едно од 10-те преостанати места. Македонија, со освоеното 15. место е прва во друштвото неносители, што значи ќе треба или да има многу среќа или голем квалитет за да се пласира на СП 2021.

Меѓу потенцијалните противници има такви кои делува дека е невозможно да ги победиме, ако судиме по нашето издание на јануарското ЕП, како на пример Франција, Словенија, Германија, Шведска... Тоа не значи дека ќе ни биде лесно со некој од Португалија, Австрија, Унгарија, Белорусија, Исланд или Чешка, но против некој од нив ќе можеме да се бориме.

Во групата неносители, покрај нашата репрезентација сместени се сите останати кои се пласираа до 20. место на ЕП, а таму ќе бидат и победниците од првиот круг од баражот. Тоа се дуелите меѓу репрезентациите кои на ЕП се пласираа од 21 до 24 место и победниците од претквалификациите.

Ждрепката е на 9 март во 19 часот во Виена, а термините за баражот се од 5 до 11 јуни. На СП директно се пласираа само првите три репрезентации од ЕП 2020: Шпанија, Хрватска и Норвешка.

 

НОСИТЕЛИ: Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Белорусија, Исланд, Чешка, Франција

НЕНОСИТЕЛИ: МАКЕДОНИЈА, Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина, Србија, Турција/Русија, Романија/БиХ, Полска/Литванија, Израел/Летонија