Две македонски репрезентации ќе се впуштат во меѓународна мисија!

Селекторите на женската сениорска и младинскара репрезентација со ракометарки ги скратија списоците за претстојните квалификации за ЕП 2018, односно за квалификации за младинско СП 2018 година.

Селекторот Симе Симовски првиот тренинг со ракометарките ќе го одржи в понеделник, во 8 часот, во „Кале“. Дотогаш ќе се ослободат сите повикани ракометарки, а во меѓувреме тој ќе работи со оние неколку кои ќе бидат достапни и за викендов.

Фокусот ќе бидат двата натпревара против Фарски Острови во квалификациите за ЕП 2018, кое ќе се одржи во декември, во Франција. Македонија веќе одигра два меча, против Србија дома и со Шведска на гости и двата ги загуби. Фарски Острови е противникот од групата со кој може да се надигруваме и да оствариме некоја победа која ќе го крене нашиот рејтинг, кога веќе првите две места, за пласман на ЕП се тешко достижни.

Првиот натпревар го играме на гостински терен во Торшавн на 21 март, додека втората средба во СРЦ „Кале“ во Скопје ќе се одигра на 25 март од 19:00 часот.

Младинската репрезентација, пак, предводена од Јулијана Дамчевска, ќе се подготвува за квалификацискиот турнир за СП 2018, кој ќе се одржи од 23 до 25 март. Ќе се игра во Исланд, а покрај домаќинот, во групата на Македонија се уште и Литванија и Германија. Целта се првите две места. Првиот тренинг и на оваа селекција е закажан за 8 часот в понеделник, меѓутоа во „Автокоманда“.

 

Список на повикани ракометарки за прв собир на Женска сениорска репрезентација:

Драгана Петковска, Матеја Серафимова, Јована Саздовска, Сара Ристовска, Наташа Нолевска, Теодора Керамичиева, Марија Штериова, Душица Ѓорѓиевска, Елена Ливриниќ, Елена Ѓеорѓијевска, Дајана Јовановска, Ивана Гакидова, Марија Николиќ, Мирјета Бајрамовска, Моника Јанеска, Анастасија Николовска.

 

Список на повикани ракометарки за прв собир на Женска младинска репрезентација:

Јована Мицевска, Амра Илјаз, Слободанка Кицеска, Милица Николиќ, Јана Калајџиевска, Леонида Гичевска, Марија Гугуљанова, Мила Трајковиќ, Ана Марија Божиновска, Јована Кипријановска, Пена Граматова, Марија Тасевска, Ивона Трпевска, Марија Гајиќ, Аида Брунчевиќ, Аида Смајлоска, Јована Владева.