Димитриоски: Ова ни е шанса, мора да покажеме дека местото ни е во А-тимот!

Пријателските средби во Ескишехир и оние против Грузија во текот на претстојниот викенд ќе бидат една регрутација за оваа, условно, Б-селекција на македоснкиот ракомет, да покаже дека во неа има материјал кој може да се користи и на најважните европски и светски натпреварувања. Тоа им е јасно на момците кои ги селектира Данило Брестовац да одиграат денеска со Турција (17.30) и утре со Италија (16.00), затоа велат ќе гризат за да се докажат.

На прв поглед, македонската репрезентација во Ескишехир личи како некоја комбинација од нашите младински тимови кои последниве години со солиден успех се натпреваруваа на меѓународна сцена. Меѓутоа, не е така, официјално, ова е А-тимот на Македонија и дуелите со Турција и со Италија така ќе се вреднуваат. Левото крило на Вардар, Димитар Димитриоски, вели дека ја прифаќаат оваа одговорност и дека ова подмладување го гледаат како можност.

„Речиси сите се знаеме и немаме некој проблем со оваа одговорност која ни е дадена. Нема и многу време за да се воиграме, но отприлика знаеме што и како се игра во А-селекцијата и ќе мора во најбрз рок да се вклопиме во плановите на селекторот и да одиграме онака какви што се барањата од нас. Сите репрезентации прават подмладувања, нормално, мора и нашата. Сега ете, имаме некоја шанса ние помладите да докажеме дека вредиме да бидеме во А-селекцијата и мора таа шанса да се искористи, макар тоа биле пријателски натпревари. Мора да се докаже дека може да се смета на нас и дека местото ни е во А-тимот“, вели Димитриоски.

Тој има 21 година и беше еден од носителите на репрезентацијата која лани во авуст го освои ЕХФ-шампионатот во салата „Борис Трајковски“. Сега сериозно влезе во сериозни води, како и неколку талентирани повозрасни колеги пред него. Со години ни е јасно дека подмладувањето во Македонија не оди како во некои од земјите на запад, каде имиња како Ремили, Сагосен, со 20 или 21 година беа прогласувани за играчи на првенството. Меѓутоа, Димитриоски смета дека треба да го кристиме и ова подмладување што го имеме.

„Добро и ние имаме 20-22-годишни ракометари кои играа и играат во репрезентацијата. Може не се презиваат Сагосен и Ремили, но Кузмановски, Талески, Велковски уште од млади играа на големи натпреварувања. Тоа се постигнува со правилна работа и со прецизно подмладување. Ете селекторот знаел, им дал шанса и тие играчи тоа го искористиле. Сега редот е на нас“, размислува Димитриоски.

Оваа возраст, се чини, е витална во зреењето на нивните кариери, но работата во репрезентацијата е само еден дел од тоа. И тоа како е важен личниот прогрес во клупските натпреварувања, а за тоа веќе имаме примери во наши репрезентативци, како Манасков, Талески, кои од млади години „влегоа во оганот“ на големите клубови, со шанса да играат и во ЛШ. Таков чекор направи и Димитриоски со трансферот во Вардар, иако минутите во ЛШ, засега ги минува алтернатива на Тимур Дибиров од клупата. 

„Трансферот дојде, искрено, неочекувано. Во Вардар можеби ги немам тие минути во Лига на шампиони, но добивам доволно шанса во СЕХА, која морам да ја користам максимално. Има премногу да се научи од играчи како Тимур, Чупиќ, Шишкарев, Криштопанс....да не ги набројувам сите повозрасни. Голем плус е да се учи од нив и да се игра со нив и затоа мој избор беше Вардар, со цел, прво, да се развивам како играч, а потоа да го докажам тоа и на теренот“, истакна ракометарот на Вардар, кој досега постигна седум гола на два меча во СЕХА-лигата.