„Да ни даваше некој три бода пред двомечот со Исланд со радост ќе прифатевме!“

Можевме да победиме, но на крај одигравме реми. Тој бод е добар чекор напред кон првото место во нашата квалификациска група за ЕП 2020, меѓутоа ќе треба време пропштената шанса да ја преболат ракометарите. Можеби затоа ова реми имаше чувство на пораз, синоќа веднаш по натпреварот.

Филип Талески истакна дека три бода од можни четири со еден Исланд е одлична добивка. За натпреварот прокоментира дека нападот потфрлил и него наградил одличното издание на Борко Ристовски на голот. 

„Треба да сме задоволни од овие натпревари, баш и претседателот (на РФМ) дојде во соблекувална и ни честита, рече, да ни нудеше некој три бода од овие два натпревара со радост ќе ги прифатевме. Одигравме како што одигравме. И денеска се мачевме во одбрана како и на првиот натпревар, но овој пат го имавме расположен Борко. Требаше да му возвратиме со победа, но што е – тука е. Одиме понатаму, пресметките велат дека со две победи на двата преостанати меча ќе бидеме први во групата. Тоа за нас би било добро, бидејќи би имале полесна ждрепка за првенството. Немавме време на овој собир, патувавме долго за Исланд, 15-16 саати, можеби и тоа ни придонесе да сме малку поуморни. Сепак, не треба се вадиме на ништо, денеска го загубивме натпреварот во напад. Поточно не загубивме, но така некако е чувството, зашто можевме да добиеме. Сепак, овој бод многу ни значи, затоа што остануваме на патот до првото место“, изјави Талески.

Македонија и Исланд имаат по пет бода во групата 3, а и двете до крајот на квалификациите треба да одиграат со, условно, аутсајдерите ние на гости со Турција и дома Грција, а Исланд обратно. Ако се остварат проценките, па и ние и тие победиме сè, тогаш токму овој подобар меѓусебен однос со Островјаните ќе пресуди и ќе не качи на првото место во групата.