Червар: Секој противник ќе биде незгоден, но сè ќе зависи од Хрватска

Македонија на Светското првенство во ракомет што се одржува во јануари 2019 година во Данска и Германија ги доби своите противници во групата. Еден од ривалите на нашиот национален тим ќе биде селекцијата на Хрватска, која е предводена од Лино Червар. 

Хрватскиот стратег ја предводеше Македонија од клупата на претходниот Мундијал во Франција во 2017 година, а сега ќе биде еден од нашите ривали, како и Шпанија, Исланд, Бахреин и Јапонија.

Червар ја прокоментира групата, но не навлегуваше во детали, туку ги повика навивачите на Хрватска да дојдат во што поголем број во Минхен.

„Тешко е веднаш по ждребот поопширно да се зборува. Мислам дека најважно е да се каже дека нашата група не е лесна, а дека Групата А е навистина тешка. Така да, секој противник ќе биде незгоден. Треба да се сконцентрираме на секој противник, секој натпревар е нова приказна. Не треба однапред премногу да размислуваме. Сè ќе зависи од нас и нашата игра, но јас сум оптимист. Нема да ни биде лесно, но ги повикувам сите навивачи да дојдат во Минхен. Очекувам половина од навивачите таму да бидат наши. Тие ќе ни бидат најголема подршка на натпреварите во групата, но и на натпреварите против репрезентациите од Групата А со која вкрстуваме во следната фаза. Во име на сите играчи ги повикувам нашите навивачи што порано да си обезбедат билети и Минхен да биде 'коцкест'“, изјави Червар.