Червар: Имам многу почит за Македонија, но за тој меч подоцна ќе размислувам!

Хрватска не дозволи да биде изненадена на почетокот на Светското првенство во Германија и во Данска и го совлада Исланд со пресврт, 31-27. Лино Червар изјави дека бил задоволен од своите играчи и покрај лошите периоди од мечот.

Червар вели дека Хрватска заслужила да победи против Исланд, иако на моменти беше надиграна. Ги истакна добрите моменти на својата репрезентација и фактот дека оваа победа е важна, затоа што е прва.

„Знаев и пред мечот дека ќе биде многу тежок меч. Нашиот почеток не беше толку добар, нашата одбрана направи неколку грешки, па Исланд доаѓаше лесно до шанси за гол. Во второто полувреме мојот тим одигра подобро во одбрана. Исланд денеска одигра одлично, беше многу добар противник. На крај, мислам дека заслуживме да победиме, но исто така знам и дека ова е само еден натпревар. Имаме и други тешки натпревари и се надевам дека ќе ги одиграме добро. Победивме, но ова е само еден натпревар, не треба никако да се занесуваме. Ова се само два бода и не мора да значи ништо. Имаше многу добри моменти на овој меч, покажавме ментална сила, карактер, дека можеме да се вратиме и од негатива. “, вели Червар.

Досега Македонија немаше многу успеси на првенствата против Хрватска, меѓутоа вечерашниот меч со Исланд, можеби даде надеж дека „коцкестите“ можат да бидат ранливи. Сепак, Червар, политички го избегна прашањето за нивните слаби страни и за Македонија.

„Имам голема почит за Македонија, таа има многу добар тим и денеска прикажа одличен меч, меѓутоа мечот во понеделник е далеку. Дотогаш имаме уште еден натпревар за кој треба да се грижиме, подоцна ќе размислувам“, одговори Червар.