Брестовац: Направив колку можам, но мора да најдеме уште играчи за ротација!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација после победата со Грција за заверка на првото место во овие евроквалификации посочи дека е презадоволен од триумфот, иако резултатот не е атрактивен и порача дека мора да се најдат уште ракометари во ротација за Македонија да биде уште поспремна на ЕП 2020.

Македонија под Брестовац во четирите меча запиша три победи (Исланд, Турција, Грција) и едно реми (Исланд) за Македонија да стигне до првото место во групата.

„Ќе треба да направам подетална анализа за овој период, но јас морам да кажам дека направив колку можам за да ги добиеме овие четири меча. Тешко им е на играчите да се наметнат, многу зависи од нив, од клубовите каде играат. Јас сега ќе барам од РФМ, а секојпат федерацијата излегувала во пресрет, да играме ЕХФ-турнир во слободниот прозорец, зашто на играчите им недостига километража. Јас не признавам, млади или стари, признавам играчи кои сакаат да се докажуваат. Се надевам дека ќе најдеме уште играчи за таа ротација“, посочи Брестовац.

Селекторот на Македонија посочи дека тешко почна Македонија во мечот со Грција, зашто многу зицери беа промашени.

„Јас сум среќен зашто овие играчи издржаа пеколен ритам. На стартот тешко реализиравме на стартот, вкупно десет зицери промашивме во првиот дел, но имавме игра, па недостигаше таа реализација. И покрај тоа, ние пак водевме на полувреме. Во вториот дел се договоривме да продолжиме во ист стил, а играчите добро се снаоѓаа. Резултатот можеби не е атрактивен, но јас сум презадоволен зашто е последен меч во сезона“, рече Брестовац.