Брестовац: Бековите одиграа добро, тоа беше клучно за победата!

Македонија се израдува на победа и на седмото учество на Светските првенства, со 32-29 против Чиле и на тој начин се пласира во втората, главна фаза. Селекторот Данило Брестовац ги истакна најважните фактори за овој успех.

Како што можеше да се види и од натпреварот, подобрената одбрана во вториот дел го донесе пресвртот, но Брестовац ги истакна и бековите, кои, конечно, проработија. 

„Им честитам на играчите за победата. Натпреварите против Египет и Шведска во претходните две кола беа одлична подготовка за овој меч. Во второто полувреме ги отстранивме грешките во одбраната и тоа не однесе до потребната победа. Подобра одбрана и лесни голови. Добри беа нашите играчи од надворешната, бековска линија и тоа беше клучно за нашата победа“, рече македонскиот селектор.

Со оваа победа и со освоените два бода, го загарантиравме третото место во групата Г, поради што продолжуваме во втората фаза, во која ќе играме против Словенија, Русија и против Белорусија.