Борко Ристовски влезе во политиката – ќе „брани“ за тимот на Мицковски!

Долгогодишниот прв голман на македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски, денеска и официјално влезе во политичките води, откако беше именуван за стратешки соработник за прашања од областа на спортот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Сегашниот чувар на мрежата на Бенфика уште од Европското првенство (СП) во Србија пред седум години го носи прекарот „министер за одбрана“, но досега неговото име неше беше поврзувано со ништо што има политичка конотација. Влегувањето на листата советници на првиот човек на најголемата опозициска партија најверојатно го покажува правецот во кој ќе се одвива неговиот професионален живот по завршување на ракометната кариера.

Меѓу советниците на Мицковски има и уште еден спортист и тоа Гоце Андреевски, поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Неметали Огражден, Кочани Деликатес, Орка Кавадарци, Жито Вардар, Куманово и Никол Ферт, кој во моментов работи како професор на Квинс универзитетот во Канада. Тој на лидерот на ВМРО ДМПНЕ ќе му биде советник за прашања од областа на бизнисот.