Борко: Пиевме кафе со Де Варгас, ама не зборувавме за Македонија - Шпанија!

Македонија ќе ја отвори втората рунда од ЕП во ракомет утревечер против Шпанија. Тежок натпревар, кој ќе биде специфичен по неколку работи, а една од нив е фактот дека шпанскиот шампион, Барселона има македонски голман. Борко Ристовски со душа го очекува овој меч, но вели дека ќе имаме многу опасен противник.

Во шпанската репрезентација има пет ракометари на Барселона, со кои Борко ќе има интересна средба утревечер, во арената во Вараждин. Вели дека веќе се видел со колгата од голот, Гонзало Перес де Варгас, а допрва ќе разговара и со останатите четворица.

„Пиевме кафе со колегата Де Варгас, не разговаравме баш за нашиот натпревар, повеќе за досегашните натпревари, како се чувствува тој лично и како ни функционираат репрезентациите и нашата и нивната. Не спомнавме некој конкретен муабет за нашиот натпревар, но вечерва ќе се видам со другите колеги, ќе се подружиме и сигурно разговараме и ќе се закачаме малце за натпреварот, меѓутоа сето тоа во позитивна насока, се разбира.“, коментира македонскиот голман.

Во македонската репрезнтација веќе падна една кладба и шишање „на нула“ поради тоа, дали можеби тој направил нешто слично со колегите од Барселона?

„Нема потреба од кладба. И без тоа важно е да дадете 100 отсто од себе и по тој натпревар да спиете мирно знаејќи дека сте дале се од себе.“, одговори Борко.

Ја оценува Шпанија како опасна, но смета дека не е на својот максимум досега на првенството. Тоа може да биде опасно, затоа што значи дека Шпанија има капацитет да биде посилна, но може и да го искористиме, додека ја најдат својата вистинска игра.

„Мислам дека Шпанците се уште се бараат. Тие имаат еден нов систем на игра и мислам дека се во една линија на несигурност поради тоа, ама тоа не го намалува нивниот квалитет. Загубија еден натпревар од Данска во кој ниту Данците не одиграа кој знае што, меѓутоа ни Шпанија не ги искористи своите шанси. И ракометарите изјавуваат дека уште се недефинирани, дека се бараат и во одбрана и во напад и мислам дека треба да го искористиме тоа. Знаеме дека тие два бода им се многу важни ним, а нам уште поважни“, оценува Ристовски.

Опасности кон неговиот гол - не се бројат. Шпанците се добро потковани на секоја позиција, но им недостигаше Хулен Агинагалде на натпреварот со Данска, во средата. Борко е убеден дека намерно го штеделе и дека утревечер со нас ќе излезе на терен.

„Сигурен сум дека ќе игра Агинагалде. И тој и Гвардиола. Мислам дека тие намерно го одмораа Агинагалде за овој натпревар. Имаше една ситна повреда, но мислам дека сега ќе игра и дека ќе не дочекаат со најсилниот состав. Тој е еден од најдобрите пивоти на светот и дали на првите 2-3 натпревари дал гол или не дал мислам дека тоа не е важно. Големите играчи си ја темпираат својата форма за важните натпревари. Верувам дека ќе имаме многу проблеми и се надевам дека нема да биде толку успешен како во неговата досегашна кариера.“, истакна Борко.

Тој беше прогласен за МВП на мечот против Германија, со 12 одбрани, давајќи знак дека фаќа ритам. Меѓутоа, деновиве не се пишуваше само за неговите одбрани, туку и за отворените критики за Лино Червар, од негова страна и тоа и во македонските и во хрватските медиуми. Вели дека доста време е потрошено на таа тема.

„Јас моите изјави на таа тема ги дадов уште завчера, ама вашите колеги од Хрватска ја развлекоа приказната. Денеска кога ми се јавија да ме прашаат за тоа кажав дека за мене тоа е завршена тема. Не сакам да разговарам за тоа, сакам да се фокусирам на она за што сме дојдени, што е наша цел и моја лична цел – да ѝ помогнам на репрезентацијата колку што можам повеќе за што повисок пласман. Тоа е тоа. Моето мислење го кажав, останува исто и секое понатамошно развлекување е непотребно“, заврши голманот.

Македонија и Шпанија играат утревечер во 20.30 часот, а дотогаш, на табелата ние сме трети со три бода, Шпанците четврти со два. Пред нас се Данска и Германија со по четири и еден натпревар повеќе.