Борко удри по младите: Ставете прст на чело и размислете - со ваква игра нема успеси!

Борко Ристовски речиси целиот вечерашен дуел против Шпанија го проседе на клупата (влезе да брани само еден пенал), но тоа не го спречи да биде жесток по убедливиот пораз и да ги нападне - најмладите во репрезентацијата на Македонија.

„Министерот за одбрана“ во свој стил распали по момците кои треба да се нашата иднина, а кои влегоа во второто полувреме кога селекторот Раул процени дека средбата е загубена и дека негова примарна цел е да ги одмори носителите на играта. Младите не прикажаа ништо посебно, делуваа млако и незаинтересирани и затоа беа цел на критика и од секогаш искрениот Ристовски.

„Одигравме натпревар во кој младите добија улога, рековме дека ќе ги одмораме силите за утре. Со овој пораз од 11 разлика треба сите да се подзамислат, особено оние младите кои добија шанса, бидејќи ние како репрезентација градиме некој рејгинг и имиџ веќе десетина години. Да се прават грешки е дозволено, ама да не се борите, да нема жар, да не добиете ниту еден дуел во второто полувреме, мислам дека е навистина премалку за она што сме го граделе цела деценија. Сите кои добија шанса во вториот дел треба да стават прст на чело и да размислат. Ако вака настапуваат за оваа репрезентација во иднина не верувам дека ќе имаме некој преголем успех. Сепак, не мора да се гледа трагично на овој пораз, замерките се единствено тоа што немаше борбеност и не покажаа никаква желба за надигрување. Шпанија е европски шампион и реално е поквалитетна од нас, но тоа не значи дека не треба да се борите, да трчате и да дадете 150-отсто, за да пробате да си го направите вашето лично искуство поуспешно, да си отворите еден пат за иднината. Не дека треба се фрлаат сега дрва и камења по нив, но не е прифатливо ако некој не дал сто-отсто од себе, а мислам дека никој од младите кои настапија денеска не го сторија тоа “, изјави голманот на Бенфика.

Ристовски веднаш почнува да размислува за утрешната премсетка со Исланд, во која сите треба да придонесат многу повеќе од вечерва.

„Главата горе, следи меч кој е да се биде или не и за Исланд и за нас и мислам дека ќе мора да дадеме многу подобар натпревар сите, вклучувајќи ги и младите, ќе треба и нивна помош. Да се обидеме да го добиеме тој натпревар затоа што од него ни зависи сѐ. Ќе повторам, од ова треба многу да се научи, да увидиме сите и вие медиумите, дека не треба секогаш да се прави притисок за подмладување, затоа што за некои играчи е, сепак, рано. Не е исто настапување во клубовите и на едно првенство. Меѓутоа, ајде, да се надеваме дека ќе се подобрат и дека сите заедно ќе ја направиме оваа репрезентација уште поуспешна“, дополни „министерот“.