Борко: Летнавме во облаци, ова е лекција за да нѐ отрезни и да нѐ спушти на земја!

Еден од најсикусните македонски репрезентативци, голманот Борко Ристовски имаше добар настап во првиот дел, серија одбрани со кои успеваше да ја остави ракометната репрезентација во едноцифрена негатива, но откако на полувреме беше јасно дека поразот е извесен, Ристовски вториот дел го преседе на клупата.

Според „министерот за одбрана“, овој пораз од Шпанија е лекција за сите, посебно за младите и пораз кој треба да ги спушти ракометарите на земја, кои „полетаа“ во облаци по освојувањето на првото место во првата фаза од ЕП во Хрватска.

„Шпанците одиграа меч во кој ја лимитираа нашата игра. Тие точно знаеа што играат, знаеа на нашето неискуство, знаеа дека ќе имаме потешкотии да ја нападнеме нивната комплексна одбрана, одиграа меч со одбрана како за ракометни учебници и ние мора многу да научиме од овој меч. Сите помалку се занесовме дека имаме кој знае какви шанси, а реалноста сега нѐ спушти на земја. Ова е голема лекција за нас. Многу, многу треба младите да научат од овој меч, за да стигнат на ниво за да се бориме за медал. Ова е цената кога имате млади играчи во екипата и ова е школо за нив. Ние сега не треба да паднеме, туку сите да ја кренеме главата горе, зошто Шпанија е Шпанија, да не се лажеме. Игравме колку што тие ни дозволија. Тактички ни одиграа перфектно во одбраната ги искористија сите грешки, ни дадоа лесни голови од контранапад, полуконтра...“, изјави Ристовски

Чешка, па Данска за 20 часа се двете шанси за Македонија за историско полуфинале.

„Ние ја бараме шансата на секој меч и одиме таа меч по меч. Нашата шанса ќе ја бараме и на другите две средби. Овој пораз треба да нѐ спушти на земја и да сфатиме дека ако не даваме 200 отсто од себе на секој меч – вака ќе завршуваат средбите. Ова е лекција да нѐ отрезни, зошто едно е кога не ни оди, а сосема друго и недозволиво е да не трчаме, да не се враќаме... Денеска примивме премногу голови од контри...“, додаде Ристовски.