Борко: Губевме, ама знаевме како да го контролираме мечот!

Македонија доживеа еден од ретките порази, кои се вредни како победа. Во Клуж загубивме со 25-26, но во вкупната математика со Романците имаме плус седум и ние патуваме на СП во Германија и Данска во 2019. Борко Ристовски истакна дека и во поразот останале смирени.

Романците имаа плус три во првиот дел, дојдоа и до плус четири на седум минути до крајот, но македонските ракометари останаа со студени глави и средени мисли, па мечот заврши глатко. Голманот на Македонија дојде до девет одбрани, некои од нив многу важни и на зицери.

„Реков дека денеска ќе биде тежок натпревар. Романија има добри играчи, а ние им дозволивме некои лесни голови. Се подготвиле малку поинаку од првиот натпревар и одиграа подобро второ полувреме од нас. На крај победија, но ние знаевме како да го контролираме натпреварот. Губевме и со четири разлика, но останавме смирени и успеавме да се вратиме. Ако условите за игра беа подобри, мислам на високата температура, гледачите ќе можеа да видат и подобар натпревар“, вели Борко.