Без голман не бидува: Кизиќ ќе им брани на четворицата репрезентативци!

Иако неофицијален, првиот собир на македонската ракометна репрезентација ќе биде денеска и со само четворица ракометари. Сепак, макар и да е составена од четворица, не бидува репрезентација без голман, затоа на помош е повикан младиот Кизиќ, од вториот тим на Вардар, како петти член.

Клупските обврски им замрсија сметки на репрезентациите, па реалните подготовки за Европското првенство во Хрватска ќе почнат на неколку дена до Нова Година. Во случајот со Македонија датумот е 25 декември, седум дена откако неофицијално ќе се соберат онолку колку што се слободни. Засега се само четворица, Стоилов и Поповски од Вардар и Ојлески и Крстевски од Еурофарм работник.

„Зборувавме со Раул и самиот рече дека подобро е да тренираат отколку да не тренираат. Иако се четворица, за нив може да дојде лошо толку долга пауза, па наместо да чекаме до 25 ќе бидат во тренажен процес. Веќе кон крајот на неделава ќе се приклучат играчите од Металург, ќе дојдат Георгиевски, Митревски од Романија, па веќе со 10-12 играчи тренинзите ќе бидат поинакви“, вели за Спорт1 репрезентативниот тренер на голманите, Александар Царчев.

Овие четворица ќе работат три дена сами, а в четврток ќе се зголеми селекцијата за ракометарите од Металург, кои доцна синоќа играа СЕХА-натпревар против Нексе. Дури тогаш ќе го имаат Мартин Томовски за голман, па за да имаат смисла тренинзите во овие три дена, на помош е повикан Никола Кизиќ, од вториот тим на Вардар.

„Не може без голман. Барем во овие три дена Кизиќ ќе дојде на помош“, потврди Царчев.

Станува збор за повозрасниот Кизиќ, братот на 16-годишниот Марко Кизиќ, кој вчера беше прогласен за најдобар голман на турнирот во Романија, каде што играше кадетската репрезентација на Македонија.

На 25 подготовките ќе се преместат од „Јане Сандански“ во „Борис Трајковски“, а на 26 ќе се приклучи и селекторот Раул Гонзалес, откако ќе го заврши божикниот одмор во Шпанија. Интернационалците постепено ќе се приклучуваат сѐ до 29, 30 декември, кога со обврски ќе завршат и бундеслигашите Филип Талески и Филип Миркуловски. ЕП во Хрватска почнува на 12 јануари, а веќе ден подоцна Македонија ќе го одигра првиот меч, со Словенија. Во нашата група се уште и Германија и Црна Гора.