„Ако немаме пријателски турнир во октомври - да не очекуваме многу од ЕП 2020!“

Уште една генерација македонски ракометари се покажа на меѓународна сцена со ефект „ни одлично, ни ужасно“, освојувајќи го 13. место на Светското првенство У19, во Скопје. Иако имаат уште во своето младинско патешествие, овие ракометари полека треба да бидат регрутирани за сениорска униформа, а првата шанса да блеснат е веќе во јануари, во Виена на ЕП. Селекторот Данило Брестовац вели дека неопходни му се натпревари за да утврди до каде сме.

Како и четири-пет години наназад, меркаме дали и колку момчиња од генерацијата тинејџери ќе еволуираат во сериозни репрезентативци. А-тимот веќе активно се подмладува, но за тој процес да продолжи и со оваа генерација (2000), во која има неколку сериозни таленти, потребно е да се бира посветено и трпеливо. Данило Брестовац е истиот, кој ќе селектира и за сениорското ЕП 2020 во Австрија, Норвешка и во Шведска, па побара шанса за да ги филтрира дополнително сите потенцијални репрезентативци. Вели, неопходен ни е пријателски турнир со силни селекции, не некои од нивото на Црна Гора или Романија.

„Ако немаме пријателски турнир во октомври, тогаш да не очекуваме многу на ЕП во Австрија на ниеден од трите натпревари. Тие турнири ни се многу потребни, а ретко сме ги имале, некако ги одбегнуваа селекторите. Еве сетете се кога последно Македонија играла пријателски турнир. Дајте да провереме некои нови момци, ајдеда играат тие што обично немаат многу шанси, па макар да загубиме со 20 разлика од некоја Германија, Норвешка. Така се напредува, кога играте со посилни “, го кажа својот став Брестовац.

Македонија последно играше на пријателски турнир пред ЕП во Хрватска во 2018, во Белград, против Србија и Саудиска Арабија, предводена од Раул Гонзалес. Претходно уште под палката на Ивица Обрван, кога Брестовац беше неков помошник, во ноември 2015, пред ЕП во Полска, одигравме пријателски средби со Хрватска и со Црна Гора. Најзвучен турнир имавме во јануари 2015, на неколку дена до СП во Катар, кога спарингувавме со Алжир и со Франција, а на тој собир во Париз беше уште и Аргентина.

Останатите беа пријателски средби или двомечи, некои и од затворен карактер и со некомплетни екипи против Србија, БиХ, Црна Гора, Израел, Русија... Ракометната федерација има уште два месеца до ЕХФ-неделата во октомври да ги слушне потребите на селекторот и да договори квалитетни спаринг-противници.