Загреб намерно загуби дома за да го „намести“ Вардар

Последните два натпревара од основниот календар на СЕХА-лигата, открија дека на фајналфор-турнирот Вардар ќе игра против Мешков Брест. Директен кројач на ова сценарио беше ППД Загреб, кој во последниот натпревар загуби од Татран Прешов за да игра против Нексе во полуфиналето.

Вардар е уште година најдобар во основниот дел од табелата во СЕХА-лигата. Ова дојде откако Загреб загуби од Татран Прешов со 28-29 во последниот натпревар, иако со победа ќе беше прв, пред црвено-црните.

Меѓутоа, разумното расудување вели дека на Загреб повеќе му одговараше реми или пораз, за во полуфиналето на Ф4-турнирот во Брест да игра со Нексе и на Вардар да му го „намести“ домаќинот, Мешков Брест.

Претходно, попладнево, Мешков го победи Нексе во Нашице со 29-26 и создаде терен за ваква, по малку конфузна состојба на табелата. Конечниот изглед вели дека Вардар е прв со 42 бода, а зад него се Нексе, Загреб и Мешков сите со по 39 бода.

Меѓутоа, бидејќи прописите на СЕХА велат дека во ваква ситуација важен е меѓусебниот дуел, доаѓаме до мини-табела на која Нексе, Загреб и Мешков имаат по четири бода, но Нексе е со најдобра гол-разлика (+3), потоа е Загреб (+1), па на крај Мешков (-2). Ф4-турнирот во Брест ќе се игра на 2 и 3 април. На првиот ден Вардар ќе ја брани титулата во полуфиналето со Мешков, а на вториот ден ќе се игра финалето и мечот за трето место.