Вујовиќ со апел до навивачите: Ве молам дојдете во сала, без вас ова не е Вардар (ВИДЕО)

Ракометниот шампион Вардар се подготвува за стартот на Лигата на шампионите (ЛШ), поради што веќе почна продажбата на сезонските билети, која очигледно не оди според очекувањата поради што тренерот Веселин Вујовиќ со видео-апел им се обрати на навивачите со цел да ги поттикне да почнат да купуваат влезници.

Миленикот на Комити им се обрати токму на најверните следбеници на црвено-црните, кои ги замоли да дојдат на трибините во „Јане Сандански“.

„Еве зад мене гледате празна сала, поминаа скоро две години во кои Вардар игра пред празни трибини. Во тек е продажбата на влезниците за новата сезона. Ве замолувам што побрзо да си обезбедите билет, да дојдете, да навивате и му дадете поддршка на Вардар. Без вас Вардар не е Вардар“, вели Вујовиќ.

Вардарци полека се враќаат во нормала по турбулентната недела во која административно останаа без настап на фајналфор-турнирот од СЕХА во Задар, откако челниците на ова натпреварување ги исклучија поради еден заболен од Ковид-19.