Вујо скршен по смртта на Сарачевиќ: Не можам да престанам да плачам!

Една од најголемите вардарови икони и светска ракометна легенда, Веселин Вујовиќ не можел да поверува дека неговиот бивш соиграч и пријател Златко Сарачевиќ почина вчера од срцев удар на 60-годишна возраст.

Југословенската и хрватска легенда Сарачевиќ почина после дерби меч во Копривница, а Вујовиќ тотално скршен за хрватските медиуми изјавил дека не може да престане да плаше откако ги слушнал ужасните вести.

„Не можам да поверувам, едвај го преживеав заминувањето на Златко Портнер пред неколку месеци, па пред два дена на Балашевиќ со кој бев голем пријател и сега ова со Сарач (Сарачевиќ – н.з.). Што се случува луѓе? Ужас над ужасите, шок над шоковите. Сарач..., каков само човек беше. Тој негов бањалучки смисол за хумор, топол и добар како леб. Со него освоив сѐ, од јуниорски до сениорски титули. Заедно освоивме медал и на Олимпијадата, ми беше помошник во Загреб. Ми беше повеќе од пријател... Не можам да престанам да плачам“, рекол Вујовиќ.

Сарачевиќ почина после мечот на Подравка со Локомотива Копривница, а според хрватските медиуми откако му се слошило, четириесетина минути лекатире му укажувале помош, се обиделе и со реанимација, но срцето на еден од најголемите ракометари престанало да чука.