Вујо: Сакам Џамбо да дојде, но мора да сфати дека спортот е одрекување, солзи, крв...!

Страхиња Милиќ си замина од Вардар, а негова најверојатна следна дестинација е Железничар од Ниш, клубот кој го презеде Веселин Вујовиќ. Веќе пишувавме дека клубот го контактирал голманот и дека трансферот е возможен, но Вујо вели дека ако сака да дојде Џамбо ќе мора да го сфати сериозно и ракометот, но и одговорноста кон своето тело.

Во интервју за „Балкан-хендбол“, Вујовиќ не крие дека Милиќ би бил идеално засилување за неговиот тим, кој има амбиции допрва да расте. Сепак, ако сака да дојде, популарниот Џамбо ќе мора да поработи на проблемот, кој го отстрани од Вардар - прекумерната тежина.

„Го сакаме Џамбо и не само ние во Железничар, туку многу клубови во Европа, но под услов човекот да сфати дека спортот е одрекување, солзи, напор, крв и дека само така се постигнуваат резултати. Тој не замина од Скопје поради квалитетот, туку поради непрофесионалниот однос. Ако му се каже да дојде со 15, 20 килограми помалку, а тој додаде толку преку летото, тогаш тоа е непочитување на клубот и на луѓето. Најмногу губи самиот“, вели Вујо.

Тој потсети дека го донесе Милиќ во Вардар во 2012 година, како млад и талентиран голман, откако имаше проблеми во Партизан, нешто слично на актуелнава ситуација. Оттогаш напредна многу, па можеби и сега би можела да се повтори истата шема.

„Јас сум тренер кој го донесе во репрезентацијата на Србија и Црна Гора на негови 15 години. Тој тоа го знае, го следам сиве овие години, а кога имаше конфликт со Партизан го доведов во Вардар. Историјата се повторува. Би сакал да дојде во Ниш. Имаме одличен однос, има респект кон мене и од тоа би можела да произлезе можност да ја врати мотивацијата и професионалниот однос кон ракометот.“, додаде Вујо.

Милиќ спогодбено го раскина договорот со Вардар, откако клубот сакаше да му ја скрати платата, поради непрофесионален однос, односно прекумерна телесна тежина.

Комплетното интервју со Вујовиќ прочитајте го на „Балкан-хендбол“.