Вујовиќ во свој стил - предлага ептен револуционерни правила во ракометот!

Поранешниот тренер на ракометниот шампион Вардар, Веселин Вујовиќ, во интервју за хрватскиот спортски весник „Спортске новости“ објави дека до Европската ракометна федерација (ЕХФ) поднел низа предлози за измена на правилата, кои во најмала рака може да се наречат – револуционерни.

Популарниот миленик на Комити смета дека ракометот треба да земе пример од кошарката и да воведе далечина за удар кој би важел како два гола, како и да се воведе ВАР-технологија и да има ограничување на нападите.

„Мојот предлог е голот од 10 метри и повеќе да се важи како два. Со тоа би се дало шанса на екипите што бркаат разлика на противникот, што, пак, воедно ќе придонесе за поголема возбуда во финишот од средбите. Тоа, дефинитивно, би дало сосема друга димензија на ракометниот спорт“, изјави Вујовиќ.

Црногорскиот стратег има објаснување и за другите два предлози.

„Нападите на тимовите би морале да се ограничат помеѓу 30 до 35 секунди. Јасно ми е дека ВАР-технологија не може да ја имаат сите во домашните шампионати, но мора да ја има ЛШ и други големи натпреварувања. Со ваков проект, сигурно би се намалиле грешките на судиите, кои во ракометот значат многу “, дополнува Вујовиќ.