Веспрем ја одбрани титулата во СЕХА: Манасков го одмазди Вардар!

Веспрем се радуваше по пенали во драматичното финале во Задар во СЕХА-лигата, откако по регуларниот дел резултатот беше 27-27, а на пенали унгарскиот гигант славеше со 4-2.

ППД Загреб имаше подобар почеток на натпреварот и создаде водство од три гола (6-3), кое набрзо беше анулирано бидејќи Веспрем израмни на 6-6. Големата битка се водеше и во продолжение од средбата, а пресвртот се случи во 21. минута кога Ненадиќ погоди за 11-10. До крајот на полувреме Македа со три гола по ред го однесе Веспрем на паузата со предност од 15-13.

Во првите 20 минути од вториот дел Веспрем го чуваше водството од два гола, иако екипата од Загреб се обидуваше да се врати во мечот. Првото израмнување се случи во 55. минута, кога хрватскиот тим стигна до 25-25, а потоа се играше гол за гол до завршницата.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков постигна два гола против Загреб, додека најефикасни во победничката екипа беа Омар и Ненадиќ со по осум гола. На спротивната страна Вистороп постигна седум погодоци.

Да потсетиме, Вардар загуби можност да настапи на завршниот турнир во регионалното натпреварување поради неспортски причини, односно еден позитивен на ковид-19, па на нивно место доби шанса ППД Загреб.