Веспрем и Мешков не се откажуваат од СЕХА, ама бараат посебен третман!

СЕХА-лигата не само што ја нема отворено новата сезона, туку не се знае кои екипи точно ќе учествуваат. Се шпекулираше дека Веспрем и Мешков Брест ќе се откажат поради тешките услови наметнати од коронавирусот, но од Белорусија стигна информација дека овие две екипи нема да се откажат, туку барале посебни услови за да играат.

Според порталот „Брз центар“, Мешков Брест и Веспрем побарале од раководството на СЕХА-лигата да бидат поштедени од патувањата кои се задолжителни со играњето во групната фаза и да бидат вклучени дури во четвртфиналето.

Оваа информација ја потврдил потпреседателот на СЕХА, Борис Сапожников, негирајќи дека Веспрем и Мешков бараат да се откажат од СЕХА, туку да имаат посебен третман, во овие посебни услови на пандемија.

Оваа неизвесност со натпреварувачкиот формат ја натера СЕХА да нема прецизна шема на само четири дена до планираниот старт на сезоната (10 октомври) и затоа ништо чудно ако тој повторно биде поместен. Ќе се бара конечниот состав на двете групи, кои лани броеја по шест екипи, но по откажувањето на Спартак Москва и Пекинг спортски универзитет останаа десет.

Сега со барањето на Веспрем и на Мешков може да се сведат на осум екипи, по четири во една група, меѓутоа за да им биде дозволено да ја прескокнат првата фаза и да играат директно во четвртфиналето ќе треба согласност од сите други учесници. Прашање е дали тоа е можно без некои други да побараат слични привилегии, како на пример Мотор Запорожје, Татран Прешов или, пак, некои од двата македонски претставници, Вардар и Еурофарм Пелистер.