„Веселин Вујовиќ е големо и ептен скапо – промашување!“

Веќе речиси нема никаква дилема дека Веселин Вујовиќ ќе биде тренер на Вардар од новата сезона, на радост на армијата црвено-црни навивачи чиј миленик е, но не сите се задоволни со неговата работа, што особено се однесува на предводниците на неговиот сегашен тим – Борац Бања Лука.

Челниците на овој клуб „испукаа рафали“ со критика на сметка на „Вујо мајсторе“, искажувајќи огромно разочарување не резултатот што тој го оствари, но и од начинот на кој работел со екипата.

„Разочаран сум од Вујовиќ, се покажа дека тој е големо и скапо промашување. Сега дури сфаќам дека погрешивме што го ангажиравме. Имаше идеални услови за работа, а не ни донесе посакуван резултат“, изјави Маринко Умичевиќ, потпретседателот на Борац.

Темпераментот, поради кој црногорскиот стратег е обожуван во Македонија, во БиХ му носи критики од луѓето што го предводат клубот во кој работи.

„Вујовиќ лошо ја водеше клучната средба за титула. Имавме сѐ во свои раце и за неколку минути тоа го прокоцкавме. Мислам дека тренерот психолошки ги уби своите ракометари. Згора на тоа пречесто влегуваше во судир со судиите и ја нарушуваше атмосферата“, дополни Умичевиќ.

Една од големите забелешки на сметка на Вујовиќ од управата на босанскиот тим е што тој одамна се има договорено за преземање на Вардар.

„Со потписот на Вардар покажа дека не нѐ почитува. Дека сме му само попатна станица за пополнување на времето додека се пресели во Скопје“, заврши Умичевиќ.

На три кола пред крајот на првенството на БиХ, тимот на Борац Бања Лука е второпласиран со два бода помалку од лидерот Извиѓач.