Вардар отиде ослабен во Запорожје, на еден ракометар не му даваат украинска виза!

Екипата на Вардар замина на своето прво гостување во новата сезона и тоа е веднаш нова дестинација. Станува збор за Запорожје, домот на Мотор, арно ама Украинците наметнаа свои принципи со влегувањето во СЕХА-лигата, кои, барем за овој натпревар (сабота, 16:15ч.), не му одговараа на шампионот.

За мечот против Мотор, Вардар ќе биде ослабен дополнително, затоа што голманот Калифа Гебдан не можеше да отпатува. Причината е сложената процедура која била потребна за добивање виза на алжирски државјанин. Поради тоа останува во Скопје, а голманскиот товар ќе падне врз младиот Марко Кизиќ и, се разбира, врз новодојдениот Артурс Кугис. Мегутоа, тој се жалеше на здравстрени проблеми пред неколку дена, поради тоа и не настапи против Пекинг спортски универзитет, сепак, од клубот не го истакнаа како проблематичен за утрешниот дуел.

Не отпатуваа ниту Стојанче Стоилов и Жозе Толедо, кои и понатаму закрепнуваат по операциите на колената, а свежо повреден е Сташ Скубе. Словенечкиот плејмејкер исто така не настапи со Пекинг во вторникот, но проблемот датира отпосле, на еден од последните тренинзи на Вардар.

Дури и со ослабена екипа, Давид Писонеро има победа за императив, бидејќи ова е првиот вистински, официјален тест за силата на Вардар. Мотор не само што ќе биде сериозен, нов противник во СЕХА-лигата, туку е ривал од кого ќе бараат поени и во групата од Лигата на шампионите, така што важно ќе биде да се види до каде е Вардар.

„Ова ќе биде прв сериозен тест за Вардар, совршен натпревар за гостување во СЕХА-лигата против многу добар ривал. Ако сакаме добар резултат, треба да дадеме се од себе. Трениравме напорно и мислам дека ни требаат квалитетни натпревари. Мислам дека играчите и екипата се подготвени за вакви натпревари и со нетрпение чекаат да излезат на теренот.“, вели шпанскиот тренер, за клупската веб-страница.