Вардар му дозволи на Динамо да игра едно полувреме, па го прегази

Европскиот и шампионот во СЕХА, екипата на Вардар, ја продолжи победничката серија во регионалната лига, откако вечерва го совлада Динамо од Србија со убедливи 42-32.

Црвено-црните го задржаа стоотстотниот ефект и по седум одиграни кола имаат исто толку победи, а вечерва одиграа „бледи“ први 30 минути, но затоа во вториот дел го сомлеа противникот.

Од почетокот се виде дека вардарци повеќе мислат на саботниот предизвик во Лигата на шампионите, против Рајн-Некар отколку  на вечерашниот противник. Тоа особено се гледаше во одбраната која премногу лесно дозволуваше Динамо да го совлада нивниот голман. Аутсајдерoт играше рамноправно 20 минути и дури потоа Вардар создадр највисоки плус пет во првиот дел. И покрај тоа, на пауза замина ,,само" со 20-17.

Во вториот дел „црвено-црните“ додадоа гас, почнаа да постигнуваат лесни и брзи голови, па за многу краток период веќе создадоа комотна предност од осум гола разлика. До крајот на средбата, разликата стана и двоцифрена па на семафорот стоеше 42-32.

Најефикасен во таборот на Вардар беше Марсениќ со осум гола, Чупиќ постигна шест, Кањелас пет и по четири Кристопанс, Недановски и Поповски.