„Вардар ќе биде далеку подобар в петок, отколку на првиот меч со Татран!“

Во скратената групна фаза од СЕХА-лигата, уште по третиот натпревар, барем за Вардар, може да се знае дали го има в раце првото место во својата група. Одговорот се чека од дуелот со Татран, в петок од 18 часот, кој ќе биде своевиден реванш за мечот во Прешов пред десетина дена, кога Вардар загуби со 23-27.

Не мора да значи дека математиката во групава, во која е уште и Партизан, ќе биде толку едноставна, бидејќи белградскиот тим има квалитет да откине некому бод, па да ја искомплицира „равенката“. Меѓутоа, во  наједноставното сценарио, на Вардар ќе му треба победа од пет разлика, в петок, за да биде со една нога на првото место во групата.

Ако се суди по односот на силите од првиот меч, впечатокот е дека македонскиот шампион има сили за тоа. Таму имаш и водство, на 2-3 минути до крајот држеше и еден негатива и сето тоа со тим кој уште не беше составен на тренинг. Затоа, најавите на тренерот Владо Недановски се да очекуваме подобар Вардар.

„Пред 10 дена одигравме натпревар во Словачка со истиот противник, но на тој натпревар имавме играчи кои само што се вратија од СП, уморни, имавме и нови играчи кои не беа доволно воиграни. Тогаш отворивме добро, направивме разлика, но потоа имавме пад. Имаше и добри и лоши моменти во играта и тоа е разбирливо бидејќи беше прв натпревар. Сега имавме неколку тренинзи комплетни, репрезентативците имаа неколку дена заслужен одмор, за да влезат подобро во оваа втора полусеззона и мислам дека Вардар ќе биде далеку подобар сега во петок, во споредба со тој натпревар во Словачка. Имаме уште два дена за подготовка, ќе гледаме и видео анализа и секако дека на овој меч одиме на победа. Сè ќе направиме да биде таа над четири разлика и да се избориме за првото место во груапта“, изјави Недановски на денешната прес-конференција.

По тој пораз во Словачка, Вардар го совлада Партизан во Скопје (31-26), во уште едно неубедливо издание, но можеше да се забележи процесот на напредок на тимот со четири нови ракометари. И тогаш со црно-белите и в петок, дополнителен товар ќе бидат неколкуте повреди, пред се на Куни Моралес, кои фрлаат неизвесност на составот кој ќе истрча на терен.

„Имаме повредени играчи, Куни е еден од тие што влечат поовреда, тоа е дополнителен проблем, но што е тука е, повредите се составен дел. Минатата полусезона можев да се пожалам дека немаме ротација, немаме доволен број играчи, но сега имаме. И новите играчи од ден на ден, од тренинг во тренинг се сè подобри и подобри. Сега е маката е на тренерот, како да ги искомбинира подобро играчите кои му се на располагање за да го извлече најдоброто од тимот“, посочи кон себе Недановски.