Унгарски Веспрем по две години пауза се врати во СЕХА-лигата

Унгарскиот првак Веспрем после две години повторно ќе биде дел од регионалната СЕХА-лига, потврди денеска регионалното натпреварување, со што уште повеќе се зголемува конкуренцијата на лигата во која од идната сезона влегува и украински Мотор Запорожје.

Веспрем, кој загуби во финалето во Лигата на шампионите од Вардар пред десет дена, е двоен освојувач на СЕХА-лигата во трите сезони во кои играше од 2014 до 2017 година. Денеска Веспрем и СЕХА го потпишаа договорот, со што унгарскиот тим повторно е дел од регионалното натпреварување.

„Долго време преговаравме, а сега можеме официјално да потврдиме дека Веспрем ќе игра во следната сезона во СЕХА. Ова е договор со заеднички бенефит, како за клубот, така и за лигата. Среќни сме зашто двата финалисти од годинешното финале во ЛШ ќе играат во СЕХА. Мислам дека следната сезона ќе биде уште поинтересна и повозбудлива“, изјави Синиша Остоиќ, директорот на СЕХА.

Задоволство што се враќаат во регионалното натпреварување има и кај Унгарците.

„Задоволни сме и среќни што повторно сме во СЕХА-лигата. Не игравме две години, но СЕХА го смени системот на натпреварување и тој е многу добар. Ова е важно, зашто СЕХА е многу силна лига со многу добри тимови“, вели Золтан Чик, директорот на Веспрем.