Свежи сили во старото ривалство: Металург по чудо против Вардар!

Во залезот на сезоната, растоварени од европските обврски, Металург и Вардар ќе се пресметаат за бодови во СЕХА-лигата. Црвено-црните се фаворити по секоја основа, но Металург, ако ништо друго, оваа сезона барем покажа дека може да се бори до последно.

Вардар веќе го доби двапати градскиот ривал во новата сезона, прво во Суперкупот со 33-24, а потоа во првото коло од СЕХА-лигата, со 34-28. Сепак, оттогаш формата на екипите се смени, а поинакви се дури и составите. Металург остана без Филип Кузмановски и без Халил Јагањац, а Мартин Велковски го оперира коленото.

Вардар, пак, ги нема Вуко Борозан и Рожерио Мораес од истата причина, а го доби Кристијан Дисингер. Металург, од друга страна се засили со Шпенде, Рибеиро и со Пучник, така што, ова ќе биде дуел со нова свежина, иако со старата желба да се надигра ривалот.

Металург е надвор од конкуренција за фајналфор-турнирот во СЕХА, бидејќи има само четири бода, на претпоследното, деветто место, додека на Вардар му значи секое бодче со оглед на израмнетата трка досега. Првите четири екипи се наоѓаат во три бода, напред е Загреб со 24, зад него Вардар, Татран и Нексе со по 21, меѓутоа никако не смее да се отпише и Мешков Брест, кој засега заостанува со 15.

Затоа и двете екипи ќе имаат мотиви да се надигруваат вечерва и да ги дадат завршните резерви од силите, во финишот на полусезоната. По овој меч, Металург ќе го пречека Мешков, в недела, па ќе патува кај Нексе и кај Извиѓач на 16, односно 18 декември. Вардар, пак, в сабота гостува кај Железничар, на 12 декември ќе го вгости Татран, а пет дена подоцна гостува кај Стеауа.

Натпреварот се игра вечерва во 20.15 часот во арената „Борис Трајковски“, а влезот ќе биде бесплатен за сите љубители на ракометот.