Србите за време на ЕП лумпувале низ Загреб и купиле билети за дома пред време!

Веројатно, не постои репрезентација со подобри поединци, а со полоши резултати и полоша атмосфера од српската. Иако успеаја да се пласираат во втората фаза од ЕП во Хрватска и завршија само едно место зад нас, Србите ги извадија на површина сите валкани работи кои им се случувале за време на првенството.

Селекторот Јовица Цветковиќ, без многу заобиколување, во својот извештај за првенството ги обвинил ракометарите за недисциплина, поточно еден клан од нив: Петар Ненадиќ, Дарко Ѓукиќ, Немања Зеленовиќ и Добривое Марковиќ. Тој открива дека овие момци шетале во ноќните часови низ Загреб, дури си имале работа и со полицијата, а седуммина од репрезентацијата пред време резервирале авионски билети за Загреб, штом заврши првата групна фаза, без ни да помислат дека можеби ќе поминат понатаму.

„Немаше крај на непријатните изненадувања. Пред решавачкиот натпревар со Исланд, Петар Ненадиќ во интервју за данска телевизија се изјасни дека нема веќе да настапува за репрезентацијата. Истовремено, дознав дека седум играчи резервирале авионски билети за враќање во Белград по првата групна фаза“, вели Цветковиќ.

Се разбира, играчите го негираат сето ова и велат дека селекторот си измислувал и немал доказ за ништо.

„Ништо од тоа не е вистина. Јас ниедна вечер не излегов. Тоа може да го потврди мојот цимер Немања Илиќ, како и Петар Ненадиќ, со кого седев во соба секоја вечер. Ни тој не излегуваше. Селекторот го вперува прстот во нас, а ние бевме најдобри стрелци во квалификациите и ја однесовме Србија на ЕП. Нека ја покаже таа потврда од хрватската полиција дека нè чувале, ама сигурен сум дека не постои“, вели поранешното крило на Металург.

Цветковиќ откри и дека потпретседателот на Српскиот ракометен сојуз, Драган Шкрбиќ, го провоцирал јавно пред сите, а потоа му се извинил.