Со Вардар двапати ја покори Европа и заврши во – Лесковац!

Србинот Јања Војводиќ реши кариерата да ја продолжи во српскиот прволигаш Дубочица, што е помалку неочекувана дестинација за ракометар кој двапати беше европски шампион Вардар.

Тој во Лесковац ќе настапува до крајот на сезоната, а дебито за новиот клуб ќе го има денеска против некогаш „македонскиот“ Железничар од Ниш. Војводиќ во македонскиот ракомет „влезе“ во 2015 година и тоа преку Металург, а две години подоцна направи трансфер меѓу црвено-црните, од каде што си замина пред година ипол со две европски круни, во чие освојување, рака на срце, немаше апсолутно никаков учинок.

Некогашната голема надеж на српскиот ракомет кариерата ја почна во Врбас, од каде што замина во полски Сласк па во шпанскиот тим Пуента Хенил пред да се пресели во Автокоманда.