Србите пред ЕП доаѓале во Скопје да гледаат како Тоскиќ игра за - Вардар?!

Ракометарите репрезентативци на Србија денеска жестоко му одговорија на селекторот Јовица Цветковиќ, откако тој неодамна кажа дека тие се забавувале по цели ноќи за време на Европското првенство (ЕП), вадејќи му неверојатни гафови меѓу кои и тој дека им велел дека ќе замине за Скопје да се види со Алем Тоскиќ, иако тој веќе втора сезона не игра за Вардар туку настапува за словенечко Велење.

Тоа било само една од смешните ситуации кои српските ракометари ги кажуваат за нивниот предводник на собирот во Хрватска, меѓу кои има и такви да го прашува капитенот Жарко Шешум како му е во Левен иако тој веќе четири сезони игра во Гепингем.

„Одговорно, спортски и морално тврдиме дека секој збор кажан од Цветковиќ е лага. Да тргнеме од основното, информираноста! Зарем е возможно селекторот на една земја да не знае во кој клуб му играат играчите?! Зарем е можно селекторот да го праша капитенот Жарко Шешум како му оди во Левен, иако тој веќе четири години игра во Гепинген. И, зарем е можно селекторот да оди во Скопје да разговара со Алем Тоскиќ, а тој игра во Велење?“, се вели во соопштението на ракометарите на Србија.

Жестоките удари на играчите кон селекторот Цветковиќ продолжуваат околу неговото неспортско и арогантно однесување, како и фактот дека, наводно, постојано бил пијан и дека неговата сметка во хотелот за алкохол била енормна.

„Што ќе правиме со фактот дека на 86% од тренинзите не беше присутен. А и да беше, пушеше во салата каде што се тренира. Во тренерки со грбот на Србија! На пушењето во соблекувална пред секој натпревар се навикнавме зашто тоа не е нешто ново. За седум дена во хотелот сметката беше 1.200 евра само за алкохол! Тогаш не чуди што селекторот секоја вечер беше во алкохолизирана состојба. Кулминацијата беше кога во таква состојба го водеше натпреварот против Белорусија. Под дејство на алкохол го нападна и удри потпретседателот на Сојузот, Драган Шкрбиќ“, дополнуваат ракометните репрезентативци.

Ваквата реакција се очекува да биде главна причина поради која лечниците на овој спорт во Србија наскоро ќе му дадат отказ на селекторот Цветковиќ.