СЕХА потврди: За пехарот на Вардар ќе се игра во Задар, во септември!

СЕХА-лигата првпат се огласи официјално по паузата поради коронавирусот и го откри времето и местото за одигрување на задоцнетиот Ф4-турнир, за сезоната 2019-20.

Локацијата останува Задар, како што првично беше планирано и за оригиналниот закажан термин, во април. Меѓутоа, коронавирусот ги смени плановите, така што новите датуми за завршниот турнир во СЕХА-лигата се од 4 до 6 септември.

Веќе е познато дека ППД Загреб и Мешков Брест се полуфиналисти, но останува да се формализираат нивните противници. Вардар и Веспрем се огромни фаворити против Нексе, односно со Војводина, но потребно е да ги одиграат реваншите од четвртфиналето. Вардар својот со Нексе, во Скопје го закажа за 29 август.

Тоа значи дека Стевче Алушовски и неговата екипа ќе го имаат првиот официјален тест како една нова целина, а потоа ќе им останат уште 4-5 дена да поработат на евентуалните корекции во играта, се до Ф4-турнирот во Задар.

Вардар е актуелен шампион во СЕХА-лигата, откако го крена пехарот на минатогодишниот Ф4-турнир, во Брест и истовремено најтрофејниот тим во регионалнава конкуренција, со пет пехари во осумте години постоење.