Се враќа Велковски за Татран: Многу важен меч за нас, добро се подготвивме!

Еурофарм Пелистер утре (17.45) ќе го одигра својот трет натпревар во СЕХА-лигата оваа сезона и тоа против важен конкурент за освојување на едно од првите две места. Добра вест за тренерот Жељко Бабиќ е враќањето на десниот репрезентативен бек, Мартин Велковски. 

Велковски имаше повреда и беше отсутен од терените повеќе од два месеца. Вели дека уште се враќа и допрва ќе го достига своето најдобро издание.

„Очекував порано да се вратам од повредата. Сè уште заздравувам и влегувам во ритам и се надевам дека ќе бидам максимално спремен против Татран Прешов и дека ќе се вратам на нивото на кое што бев пред повредата“, вели десниот бек.

За натпреварот со Татран очекува победа, бидејќи Е. Пелистер веќе претрпе еден пораз, на гости во Загреб, така што не може да си дозволи кикс и со Татран Прешов, особено не на домашен терен.

„Одложувањето на натпреварот против Рајн Некар Левен ни отвори шанса повеќе да се спремаме за Словаците. Се подготвуваме за нивниот целокупен тим, сепак доаѓаат со играчите кои го влечат товарот во екипата. Ги анализиравме добро и се надевам дека ќе се покажеме во вистинско светло, бидејќи натпреварот е многу важен за нас, за да го осигураме второто место во групата во СЕХА лигата“, додаде Велковски.

Второто место е важно, бидејќи води директно во четвртфиналето, наместо да играат и осминафинале и дополнително да си го згуснат распоредот оваа пролет. И тренерот Бабиќ очекува максимално сериозен пристап, а според него патот до победата е преку агресивна одбрана.

„Татран Прешов е добро тренирана и добро водена екипа од поранешниот хрватски селектор, кој долго време е таму, што значи дека добро си ја работи својата работа. Во тоа не треба воопшто да се сомнева. Имаат добра транзиција и контра напад и многу добар посед на топка во напад. Тоа веќе им го нагласив на моите ракометари. Единствен начин ако сакаме да победиме е агресивна одбрана, посебно во средината, и враќање во одбрана. Натпреварот бара голем респект и ни следи тежок дуел“, истакна Бабиќ.

Татран досега играше двапати и загуби и од Загреб и од Металопластика.