„Сакав Војводина да дојде во полн состав, вака излезе полесен тренинг!“

Металург ја заврши сезоната во СЕХА-лигата со рекорден триумф над Војводина (38-19), а неговиот тренер, Данило Брестовац, изрази жалење што не можеа да се пробаат со најквалитетниот состав на противникот.

Војводина дојде во Скпоје со младинскиот тим, скратувајќи му ja можноста на Металург да ја победи Војводина во полна сила. Сепак, им изрази честитка на своите момци за професионалниот пристап, без разлика што играа против младинци.

„Не би сакал да влезам во некоја анализа на натпреварот. Јас ја очекував и посакував Војводина да дојде во полн состав, за ова да не се претвори во ваква средба, во полесен тренинг. Сепак, јас би им честитал на нашите момци што одиграа професионално и коректно цел натпревар. Ме радува што и Шпенде се враќа во полн ритам. Ме радува дека и младите можеа малку повеќе да покажат што знаат и што можат. Напредуваат добро, имаат простор да напредуваат, на нив е да работат уште подобро и резултатите нема да можат да изостанат. Мислам дека имаме перспектива, а и Војводина исто така, видовме дека овие млади играчи имаат што да понудат, можеби им фалеше малку повеќе агресивност. Тоа е тоа, одиме понатаму и се фокусираме на домашното првенство“, изјави Брестовац.

Еден од помладите, кои добија шанса да го земат натпреварот в раце, беше Мартин Серафимов, кој постигна шест гола.

„Овој тренинг-натпревар е можеби добар, можеби лош за нас, но барем ние помладите добивме нешто поголема минутажа. Добро ќе ни служи за плејофот за подготовките кои ќе почнат веќе в понеделник. Се надевам на добро домашно првенство и дека следната година ќе играме повторно во СЕХА“, рече Серафимов.

Металург ја заврши сезоната со четири победи и едно реми, во 18 кола, на деветтото место.