Раул: Сите велеа дека сме фаворити, но не е лесно, треба и да се одигра!

Вардар го надигра Загреб во финалето од Ф4-турнирот во СЕХА, доволно тешко за да биде атрактивно за публиката. Раул Гонзалес, веројатно, посакуваше да биде уште поубедливо и полесно, но противниците беа на високо ниво.

Раул го пофали Загреб, што од куртоазија, што од искреност, велејќи дека Вардар колку и да беше фаворит, мораше да одигра. Периоди од второто полувреме покажаа дека хрватскиот шампион и тоа како може да се носи со македонскиот.

„Загреб покажа дека се подготвил одлично за овој натпревар, играа многу добро. Ние бевме добри и во одбрана и во напад, но Загреб почна да игра подобро и подобро и почнаа да стигнуваат проблемите. Не функционираше така добро зоната 5-1, па на почетокот на вториот дел решивме да ја смениме со 6-0, а тоа ни овозможи неколку контри кои ги реализиравме и направивме разлика. Сите велеа дека ние сме фаворити, но тоа не е така лесно, треба да го одиграте натпреварот. Задоволен сум и горд зашто цела сезона ја одигравме многу добро. Сега треба да се одмориме, а потоа нѐ очекува Кил“, рече Раул.

Вардар славеше со 26-24 и ја освои четвртата титула во СЕХА, втора едноподруго. Истовремено постави рекорд со 19 победи и едно реми, сметјаќи ја цела сезона. Сега следува Кил, на 22 април.